недеља, 28. април 2013.

ДА ПРОДОЛЖИМЕ ОД КАДЕ ШТО ЗАСТАНАВМЕ

 
Како и секој друг пожаранец, често посакувам дел од слободното време да го поминам во моето родно село, околу моето родно огниште. Годините натежнуваат а оваа желба станува се поизразита. Посетував атрактивни локации и пишував за нив се со една и едниствена цел: на помладата генерација пожаранци низ страниците на интернет, да оставам некаква трага која говори за село Пожаране . 


Пишував за селото и неговите чешми, Соколец, водопадите, воденицата, Бучковци Маало, пожаранското родовско стебло, Климентија, Илиница, просветителите, за Јасика низ времето, Благуња пожаранката, фудбалскиот клуб „ШАР“ -Пожаране.  Пријатели и читатели се повеќе и повеќе почнаа да ме препознаваат низ моите текстови, критички да се осврнуваат на нив или ме поддржуваат во своите намери, при тоа често поставувајќи ми едно исто прашање: Ќе има ли нешто ново за Пожаране?  

 Секако дека ќе дојде времето кога ќе можам да напишам нешто друго за  селото , да раскажам друга приказна како би можел да ги доловам сите други пропуштени насмевки од минатото ако ништо повеќе барем само колку да се знае и никогаш не избрише од нашата колективна меморија . Меѓутоа, овој пат мојата колумна пред се ќе ја сведам на  добронамерен и критички осврт  кон сите мои досегашни согледувања, за се она што се случувало или се случува во нашето родно село .

Во текот на
месец октомври - минатата 2012 година, со слика и збор информирав и за падот на пожараскиот чинар , познат како стариот даб во Климентија. За само релатовно кратко време по овој настан, во оваа месност заседаваше и црковниот одбор на село Пожаране, кога беа донесени и неколку позначајни одлуки меѓу кои и онаа најзначајната: на основата од до темел срушената стара црковна капела која била  посветена на „Св. Климент“, да се изгради нов црковен храм. Оваа одлука за многу кратко време беше ставена на разгледување и потврда пред собирот на граѓани од село Пожаране и истата позитивно одекна во јавноста. 

Заради реализација на овој сериозен и за Пожаране значаен проект, беше формиран и иницијативен одбор со конкретни задачи и цели. Дури беше извршено прочистување на теренот од високиот коров кој ја имаше запоседнато темелната платформа на разрушената капела- и толку. Работите околу реализацијата на овој амбициозен проект за селото  како да застанаа и никако да се придвижат од мртва точка иако до денес е изминат подолг временски период.

-Но не застанавме само тука

Се до 2000 година во село Пожаране секоја година се одржуваа надалеку познатите и масовно посетувани Пожарански средби, со гости и естрадни уметници од земјата и странство. За жал овие средби беа и последните од овој вид организирани во селото после што и тука се запре со ваквата организација. Зошто така?- е често поставуваното прашање не само на пожаранци туку и пошироко. 
Во отсуство на вистински одговор, се е оставено на нагодувања и шпекулации. Меѓутоа во сета оваа работа само едно е повеќе од очигледно- селото умира, полека, тивко но сигурно.
Недоверба во себе, во тој до тебе и другите е одлика на секоја дискусија од многу ретките состаноци на мештаните од селото. Тешки, мрачни и безизлезни полемики. На еден му смета едно, на друг друго, а на трет и едното и другото.
Се додека се делиме на први и последни, горе и долу, подобри, најдобри, наjлоши...црвени и плави не одиме никаде и не правиме ништо. Тука, место за лицемеире неможе и несмее да има. Наместо ние да се поддржуваме еден со друг, самите на себе си ставаме сопки. ``Нема дно, нема врв, нема трет, втор или прв``. Само ретко кој го сфаќа тоа. Немаме култура за да одиме напред и тогаш кога се караме меѓу себе.
Никој не се запрашал зошто ни се случува вакво нешто. Тешко е да се каже ``добро е, така треба, да се продолжи``, а лесно е да се каже `` не чини, да се откажеме, за нигде сме, не вреди``. Нормално е на некој да не му се допаѓа она што пожаранци сакаат и имаат желба да го направат за селото, ама сепак, понекогаш е тешко да прифатиме лоши критики, причината поради која почнуваат караници.
Наместо да се стремиме да направиме нешто повеќе од она малку што го имаме и кое во наследство го оставиле нашите предци, ние гледаме да се поставиме над нив, да господариме. Е па така не се прави чекор напред. Правиме еден чекор напред, па потоа три назад. Ова не води никаде.
Треба да се седне и да се размисли сериозно што правиме, каде одиме, каде ќе стасаме со ваквиот начин на размислување.
Вака-патот не води во безизлез и тапкање во место, секој за своето и никој за заедничкото.
Во таа смисла, наша сожителка од селото ќе напише: „селото навистина има голем проблем. Нема добар менаѓер за да го врати духот, нема ни желба такво нешто да се стори.За жал селото е мртво.Еден дуќан нема а може се да има.Да се повлечат инвеститори, местото е идеално и погодно за многу работи од кое нешто добивка би имале сите. Колку толку, трите предаватели (VIP, T-mobile, ONE) се еден добар почеток за напредок-нели?“-со право ќе констатира оваа наша сограѓанка.
Затоа , крајно време е како повозрасните
така и  помладите од ова село,    предводени од селските татковци, сите заедно и смело да  зачекориме напред од таму каде што застанавме. Вистински да ги согледаме сите наши можности и вредности: материјални, морални, финансиски, организациски , за да потоа поставиме цели пред себе кои безусловно ќе ги исполниме. Нашите помлади генерации тоа со право го очекуваат од нас. Ако тоа не го сториме сега и одма, ќе се прекинат сите наши нишки на потеклото, ќе почнеме да се обнародуваме како пожаранци едни од други и во иднина тешко ќе можеме да се препознаеме за такви бидејќи ако ништо друго тоа нешто само по себе ќе го стори времето. 
Лично се надевам дека сепак до тоа нема да дојде. Ако крупните работи за селото не сме во можност да ги направиме самоиницијативно-волонтерски, тогаш да се придружиме кон се понагласените размислувањата тоа да се направи професионално-менаѓерски. Ниту јас, ниту ти, ниту тој, туку оној кој навистина и сериозно ќе се зафати со оваа работа и истата ја истера до крај свесно и одговорно. Вака барем ќе  имаме  човек кој за една солидна месечна награда во континуитет ќе ги менаѓира потребите од селото и од кого ќе може да се побара одговорност. Ако вакво нешто можат да имаат станарите од една стамбена зграда, зошто да го нема една селска населба како што е Пожаране?

Пожаране мора да продолжи да живее и понатака, а ние ќе бидеме неговата душа и крвоток. Се по зачестената прослава на Божиќ и Водици во селската црква, илинден во Илиница, собирот на граѓани кој би се одржувал околу новиот храм во Климентија доколку се изгради, па на крај и возобновувањето на некогашните Пожарански средби, изградба на пешачка патека за љубителите на природните убавини до Пожаранските водопади, воденица, Соколец и уште неколку други атрактивни локации, изнаоѓање на начини за реактивирање на Пожаранскиот дом, пренамена на селското училиште и сл. сето тоа би преставувало доба и солидна основа за почесто доваѓање и посета на селото, дружење меѓу овдешните жители, и така ред по ред секоја наредна година, се додека постоиме ние, село Пожаране, додека постои светот. Ова нешто и го должиме на  селото, сакале тоа  да го признаеме или не.

Гордоста и радоста ќе ми ја  исполнат  душата доколку  наводите во мојава колумна се покажат за неточни . За вака искажаниот збор, јавно ќе се извинам на сите мои читатели и сожители од селото со големо задоволство.


_____________________________________
Боге Војноски-автор на текстот




Блогови со слична содржина:

http://pozaranskiterodovi.blogspot.com/
http://pozaranskicinar.blogspot.com/
http://pozarane.blogspot.com/
http://buckovci.blogspot.com/
http://pozaranskitevodopadi.blogspot.com/
http://pozaranevodenica.blogspot.com/
http://pozaranesokolec.blogspot.com/
http://pozaraneuciliste.blogspot.com/
http://pozaranskiprosvetiteli.blogspot.com/
http://dragevojnoski.blogspot.com/
http://pozaraneselo.blogspot.com/
http://pozaranedrama.blogspot.com/
http://pozaraneprikazna.blogspot.com/